Настинка и назална конгестија
Респираторните инфекции се можеби најчестата причина заради која пациентите се јавуваат кај својот матичен лекар. Иако се јавуваат во текот на целата година, есенско – зимскиот период е сезона кога настинките и останатите респираторни заболувања се почести.
Причина за тоа се условите во кои се наоѓаме како затворен простор, недоволно проветрени простории, голема концентрација на влага во воздухот, атмосферско загадување. Од акутни респираторни инфекции на дишните патишта возрасните заболуваат во просек 3 – 5 пати годишно, додека кај педијатриската популација тоа може да биде и 8 пати годишно. Вирусот на настинка може да влезе во телото преку уста, нос и очи.
Инфекцијата со настинка се пренесува на два начини:
• Директно – преку пренос на секрет од носот од горните дишни патишта на заболени. Може да се пренесе преку контакт со предмет на кој се наоѓа вирусот
• Индиректно – преку честички од секретот на горните респираторни патишта, кои се расејуваат низ воздухот преку кивање и кашлање, и потоа доаѓаат во контакт со кожа или слузокожа на новозаболеното лице.
Знаците и симптомите на настинка имаат варијации од човек до човек, но сите имаат благ степен. Симптомите обично се појавуваат по два до три дена инкубационен период. Знаци кои вообичаено се јавуваат се: течење на нос, затнат нос, кашлица, болно гребење и пецкање во грлото.
Поретко може да се јават и висока температура, малаксаност, болки во мускулите, кивање, замор и недостаток на енергија.
Според тоа кој во кој дел од респираторниот систем ќе има прогресија вирусот на настинка поделбата е на две групи: горно респираторни и долно респираторни инфекции.
Причинители на респираторните инфекции можат да бидат микроорганизми, габи, вируси. Во 90% од случаите причинителот за инфекција се вирусите (риновирус, инфлуенца А, инфлуенца Б, параинфлуенца 1,2,3, аденовирус, респираторен синцицијален вирус).
Дијагнозата секогаш треба да се темели на детален преглед од страна на лекар и соодветни лабораториски анализи. Акутното воспаление на носот и грлото кај народот е познато како настинка, кивавица.
Назофарингитот е воспаление на слузницата на носот и грлото предизвикано од вирусен причинител. Тоа е заразна болест која се шири на горниот дел од репираторниот систем, а симптомите се рефлектираат главно на носот. Од симптоми застапени се растечен нос (ринореја), кашлица, кивање, чешање и црвенило на очите, главоболка, болно грло и треска. Назална конгестија претставува блокада на носните патишта, при што настанува отекување на носната слузокожа поради вишокот на течност.
Се намалува движењето на трепките на респираторниот епител при што доаѓа до намалување на механизмот на чистење на носната шуплина.
Притоа во истата се кумулира мукус, и пациентот чувствува отежнато дишење. Секретот на почеток е воденест, за да потоа премине во слузест.
Назалната конгестија може да биде предизвикана од:
• Алергени
• Синузитис
• Инфекции – најчесто вируси
• Патогени агенси во воздухот
• Прашина, чад од цигари
Случаи кога постои назална конгестија се:
• Настинка и грип
• Ринитис (инфективен, алергиски, вазомоторен)
• Ризик од секундарни инфекции
• Воспаление на долни респираторни патишта
Често назалната конгестија е придружен симптом на акутно воспаление на синусите, кое следи по обична вирусна настинка, доколку таа не е третирана навремено и соодветно. Вирусната инфекција делувајќи на блокирањето на синусните шуплини, доведува до поволни услови за развој и на бактериска инфекција.
Симптомите на синузитот се манифестираат со главоболка обично во пределот каде синусот е зафатен, намален осет за мирис и вкус, отежнато дишење низ нос, отеченост на лицето и регијата околу очите. Кај акутниот синузит покрај затнат нос, има и обилна пурулентна зелено-жолта секреција, чувство на полност, тежина и болка на лицето и челото, и тоа се специфични знаци за распознавање на истиот од обичната настинка.
Како се лекува настинката?
Настинката е болест со благ степен која по 7 – 10 дена поминува сама од себе. Симптомите на кашлица и малаксалост може да траат и до три недели, додека кај синузитот траат од 3-8 недели (доколку не се третира соодветно).
Кај децата вообичаено периодот на опоравување трае подолго отколку кај возрасните, но симптомите на настинка ги снемува за максимум 10 до 14 дена. Лекувањето на настинката е симптоматско , и тоа значи дека се третираат односно олеснуваат симптомите придружни на неа.
Фармацевтот има особено битна и клучна улога во одредувањето на симптоматска терапија кај пациенти со настинка, и секако влијание во поглед на едукација на истите за непосакуваните ефекти на антибиотиците кај вирусни инфекции. Најчесто препораката за мускулните болки и намалување на телесната температура е антипиретик (парацетамол, ибупрофен) со доза приспособена на возраста.
Кај назалната конгестија корисно е испирање на носот со изо/хипертонични солени раствори, што директно влијае на воспалението, со намалување на едемот, и отстранување на вишокот на секрет, забрзувајќи го природното обновување на слузницата. Самите солени раствори се со поголема концентрација на сол отколку таа во ткивата, па се користат како еден вид на природен деконгестив. Нивниот механизам на дејство е осмотско дејство, бидејќи ја ослободуваат назалната конгестија и синусниот притисок по пат на осмоза.
Истите освен во форма на спреј се достапни и во ампули за инхалација. Лековите познати како деконгестиви го намалуваат едемот на слузницата, а со тоа и секрецијата и затнатоста. Групата на назални деконгестиви , покажува благопријатни ефекти како деконгестија, антиинфламаторно дејство, дел од нив и антивирусно дејство со цел превенција од идни бактериски инфекции на веќе постоечката вирусна. Примената на деконгестиви кај настинка би требало да е не повеќе од 5 дена за постигнување на соодветен клинички ефект.
Превенцијата е најдобрата заштита, бидејќи ефикасен третман против настинка не постои. Акцент се дава на соодветно и често проветрување на просториите, избегнување на контакт со заразено лице, често и темелно миење на рацете. Студиски покажано е дека јакнењето на имунитетот му овозможува на организмот да се одбрани од причинителите на болеста, и тој е прва линија на одбрана на нашиот организам од инфекции. Препорачан внес на витамини како Ц и Б, минерали цинк како и бета-глукан. Исхраната и физичката активност се особено важни за јакнење на одбранбените механизми на организмот. Настинката сама по себе не претставува опасност, но поради падот на имунитетот пациентите се подложни и на други инфекции, со прогресија кон некоја друга патолошка состојба. Многу мал процент од пациентите со настинка се комплицираат во посериозни состојби, а поголем процент на компликации е кај педијатриската популација поради слабо развиениот имунолошки одговор.
Референци:
https://www.cdc.gov/features/rhinoviruses/index.html
https://www.nhs.uk/conditions/common-cold/
https://www.webmd.com/allergies/sinus-congestion